Агенција за национална безбедност

ПРИЧИНА

Агенцијата за национална безбедност (АНБ) е самостојна и професионална институција, основана со цел заштита на уставниот поредок, националната безбедност и интересите на Република Северна Македонија.

Основана во 2019 година, АНБ претставува логичен чекор во процесот на реформа на безбедносниот систем, усогласен со европските и евроатлантските стандарди. Надлежностите ѝ се пренесени од претходната безбедносна служба – Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), која постоеше во рамките на Министерството за внатрешни работи.

НАДЛЕЖНОСТ

Спречување и откривање на шпионажа, тероризам и други форми на насилни закани по безбедноста.

Следење и анализа на ризиците по националната безбедност.

Размена на информации со партнерски служби од земјата и странство.

Поддршка на институциите во спроведување на политики од областа на безбедноста.

МИСИЈА НА АГЕНЦИЈАТА ЗА НАЦИОНАЛНА БЕЗБЕДНОСТ

Агенцијата за национална безбедност е самостоен орган на државна управа, основан со цел заштита на националната безбедност на државата, односно заради заштита на независноста, суверенитетот, уставното уредување, основните права и слободи на човекот и граѓанинот загарантирани со Уставот на Република Северна Македонија, како и други работи од интерес на националната безбедност на државата.
Агенцијата своите работи ги врши во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Северна Македонија.
Агенцијата во вршењето на работите од законски утврдената надлежност постапува независно и без влијание од политичките партии.

ДИРЕКТОР М-Р БОЈАН ХРИСТОВСКИ

Бојан Христовски е третиот директор во Агенцијата за национална безбедност. На позицијата во Агенцијата, која е наследник на претходната безбедносна служба, доаѓа во октомври 2024 година.
Својата кариера во службата, претходно дел од Министерството за внатрешни работи, ја започнува во 2006 година, а на повеќето раководни позиции во истата се наоѓа од 2012 година.
Кус временски период работи надвор од безбедносните служби, во јавниот сектор, но преку академската работа останува посветен на безбедносните ангажмани.
Христовски има завршено постдипломски студии на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во 2019 година со труд на темата поврзана со дерадикализација на странските борци како дел од мерките за борба против тероризмот.
Во текот на скоро дводецениската професионална кариера, Христовски учествува на бројни меѓународни обуки и студиски престои од кои позначајни се оние поврзани со Маршаловиот план и ЕЛЕА програмите.
Христовски е оженет и е татко на две деца.

АГЕНЦИЈА ЗА НАЦИОНАЛНА БЕЗБЕДНОСТ

Со законот за Агенција за национална безбедност (АНБ) усвоен на 22 мај 2019 година, УБК се укинува и нејзините надлежности преминуваат во новоформираната и независна АНБ. Престанокот на постоењето на УБК и востанувањето на новата и независна АНБ, започнува на 1 септември 2019 година.

ИСТОРИЈА

1944 – Почетоци на службата за национална безбедност

Историските корени на македонската служба за државна безбедност започнуваат како дел од зачетоците на подоцна озлогласената југословенска ОЗНА (Одделение за заштита на народот), како дел од југословенскиот систем на безбедност. Во подоцнежниот период како резултат на повеќе трансформации истата е дел од службата за државна безбедност СДБ/УДБА во југословенскиот период.

1991 – Безбедносна служба во рамките на МВР

По независноста дејствувањето на државната безбедносна служба продолжува во рамките на Министерството за внатрешни работи (МВР).

1995 – Дирекција за безбедност и контраразузнавање

Службата го добива својот реорганизиран формат во тогашната Дирекција за безбеност и контраразузнавање (ДБК).

2000 – Управа за безбедност и контраразузнавање

Со Законот за организација и работа на органите на државната управа, Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање продолжува да работи како Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК).

Директори

До 2019

  • Слободан Богоевски (1991 – 1995)
  • Добри Величковски (1995 – 1998)
  • Зоран Верушевски (1998)
  • Бојан Бојановски (1998 – 2001)
  • Горан Митевски (2001 – 2002)
  • Никола Спасовски (2002 – 2003)
  • Сиљан Аврамовски (2003 – 2004)
  • Миле Зечевиќ (2004 – 2006)
  • Сашо Мијалков (2006 – 2015)
  • Љупчо Андоновски (2015 – 2016)
  • Владимир Атанасовски (2016 – 2017)
  • Горан Николовски (2017 – 2019)

Од 2019

  • Виктор Димовски (2019 – 2022)
  • Жарко Милошевски (2022 – 2024)
  • Бојан Христовски (2024 до денес)

Транспарентност

Контролни тела

  • Јавен обвинител на Република Северна Македонија
  • Судија на Врховен суд на Република Северна Македонија (кој ја издал наредбата)

Надзорни тела

  • Јавен обвинител на Република Северна Македонија
  • Народен правобранител
  • Дирекција за заштита на лични податоци
  • Дирекција за безбедност на класифицирани информации
  • Државен завод за ревизија
  • Совет за граѓански надзор
  • Други органи согласно закон

Заштитено внатрешно пријавување

Согласно одредбите од Законот за заштита на укажувачи и одредбите од Правилникот за заштитено внатрешно пријавување во институциите  во јавниот сектор, за овластено лице за прием на пријави доставени заради заштитено внатрешно пријавување во Агенцијата за национална безбедност е назначена: Ирена Ненова Ставрева

Телефон: 071/213-063
Email: ukazuvaci@anb.gov.mk

Пристап до информации од слободен карактер

Граѓаните на Република Северна Македонија можат да добијат информации од јавен карактер со пополнување на Барање за пристап до информации од јавен карактер. Барањата можат да се доставуваат до следните службени лица за посредување при остварување на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Радица Маневска Телефон: 071/218-449
Анета Доневска Ѓорѓиевски Телефон: 070/394-353

Заштита на лични податоци

Телефон: 02/3118-608
Email: ozlp@anb.gov.mk